+38970 699 743 +38978 248 503 sumnalb@yahoo.com

„Грижа за здравјето на Ромите 2“ – резултати од спроведените анкети

За да можеме да создадеме квалитетна наставна програма за здравствена едукација на Ромите, прирачник за обучувачите и Здравствен локален акциски план за Роми потребно беше да се спроведат анкети со ромската популација за да се согледаат нивните знаења и ставови во однос на темата.

Првата анкета што ја споведе Сумнал како дел од проектот имаше за цел да ги вклучи Ромите во определувањето на видовите на активности што ќе се реализираат во Здравствениот  Едукативен Центар и кои на крај ќе го промовираат подобрувањето на нивната здравствена ситуација. Преку овие активости, учесниците ќе научат нешто што ќе им помогне да допринесат самите за ова подобрување.

Анкетата беше спроведена од 17-22 декември, 2020 година со педесет Роми од Битола. Од испитаниците 44% беа мажи, а 56% жени на возраст од 17 до 65 години. Им беа понудени дваесет едукативни активности од кои секој анкетиран требаше да одбере десет. Според направената анализа, најпривлечните десет активности за учење и подобрување на здравствената ситуација на Ромите се:

  • „Кафе-разговор“;
  • Раскажување на приказни за деца;
  • „Светско кафе“;
  • Раскажете ни ја вашата приказна…;
  • Дебата;
  • Работилница;
  • Здраво готвење;
  • Тркалезна маса;
  • Пазар;
  • Квиз.

Овие резултати ќе се земат во предвид и заедно со резултатите од останатите анкети спроведени во партнерските земји ќе се определат најпосакуваните десет активности кои ќе бидат дел од курикулумот и прирачникот за здравствена едукација.

За да може да се создаде добар Здравствен локален акциски план за Роми, потребно беше да се испита знаењето и мерките и активностите што се преземаат од страна на локалното ромско население. Затоа паралелно со претходно спомнатата анкета се спроведе уште една во истиот период со истата група на испитаници.

Од педесет анкетирани 55.1% беа жени, а 44.9% мажи. Од нив 42% припаѓаа на возрасната група помеѓу 31 и 45 години.  Во поглед на семејниот статус од 50 испитаници, 76% истакнаа дека се во брак, 16% дека се разведени или вдовци/вдовици, а 8% дека се немажени/неженети.  Според бројот на деца, најголем број (40%) истакнаа дека имаат три деца.

Останатите прашања беа поделени во шест групи: здравствена заштита, превенција од рак, вакцинација, зависности, сексуална едукација и контрацепција и хигиена.

Во однос на здравствена заштита, 92% од испитаниците одговорија дека имаат здравствено осигурување, а 90% имаат пристап до чиста вода за пиење.

Во однос на превенција од рак, 86% одговорија дека не ги знаат бесплатните прегледи за превенција од рак во нашата држава. На прашањето „Дали си ги проверувате белите дробови?“, 36.7% одговорија дека не, а најчестото дадено објаснување беше дека „немало потреба“.  За одржување на женското репродуктивно здравје, 39.3% од женските испитаници одговорија дека посетуваат гинеколог еднаш до два пати годишно.  Во однос на одење на преглед за превенција од рак на дојка, 59.3% одговорија дека не одат со образложение дека „немало потреба“ или дека „не знаеле дека треба да го прават тоа“. Овие одговори го потврдуваат и резултатот на следното прашање на кое 71.4% одговорија дека не знаат за можноста да направат мамографија. На прашањето „Дали знаете сами да си ги проверите дојките?“, 66.7% одговорија дека не знаат. За одржување на машкото репродуктивно здравје, 22.7% од машките испитаници одговорија дека не си ја проверуваат простатата без да дадат објаснување зошто, а 31.8% одговорија дека „немало потреба“. На прашањето „Кои други мерки за превенција од рак ги користат?“, најголем дел од испитаниците одговорија дека не користат или не применуваат ништо.

Во делот за вакцинација, на прашањето „Кои вакцини се нудат бесплатно во нашата држава?“ беа дадени 40 одговори и најчесто беше истакнато дека сите вакцини се нудат бесплатно или дека не знаат. На прашањето „Дали имате пропусница за вакцинација?“ 70% одговорија дека имаат, но претходно моравме да им објаснеме што е тоа. Сите испитаници одговорија дека ги имаат примено наведените вакцини во прашалникот, но најголемиот број од нив не се сеќаваат кога точно ги примиле. Кога ги прашавме дали нивните деца ги примиле или ќе ги примат наведените вакцини сите испитаници одговорија потврдно.

Во делот за зависности, на прашањето „Дали познавате луѓе во вашата заедница кои што се зависници?“ 65.3% одговорија потврдно, а од нив 45.7% одговорија дека познаваат многу такви луѓе. На прашањето „На кои завистости им ги познавате симптомите?“ 90% одговорија дека ги познаваат симптомите на алкохолизамот, а 80% на зависноста од дрога. Следствено на ова, на следното прашање 100% од дадените одговори истакнаа дека најголемиот проблем во заедницата е зависноста од дрога, а потоа со 62.8% следи алкохолизамот. На прашањето „Дали знаат каде или на кого да се обратат ако тие/пријател/член од семејството или заедницата има потреба од помош во ова поле?“ 40% одговорија дека не знаат, а 58% одговорија потврдно објаснувајќи дека би се обратиле во брза помош/доктор, полиција или кај оџата. На прашањето „Колкав број од Ромите зависници кои ги познавате користат помош?“ 58.7% одговорија дека познаваат многу мал број. 68% од испитаниците знаат дека зависноста е болест што може да се излечи.

Во полето на сексуална едукација и контрацепција, 73.5% од испитаниците одговорија дека сексуалната едукација е потребна. Од нив 59.5% сметаат дека треба да се воведе од 16 години, а 37.8% сметаат дека треба да ја вршат родителите и училиштата. На прашањето „Дали познавате мерки/начини за спречување на бременост?“, 31% од испитаниците одговорија дека не познаваат. На следното прашање 53.5% одговорија дека не познаваат мерки/начини за спречување на сексуално преносливи болести, а 76.2% не познаваат симптоми на сексуално пренослива болест.

Во полето на хигиена, 42.9% одговорија дека одат повеќе од два пати годишно на забар, а 45.9% одговорија дека ги носат нивните деца еднаш до два пати годишно. На отвореното прашање „Кои мерки треба да се имплементираат (и од страна на Општината) за да се подобри ситуацијата со хигиената во вашата заедница?“, најчестите одговори беа:

  • да се реши проблемот со водоснабдувањето, инфраструктурата, домувањето, канализацијата, да се почитуваат мерките, редовно да се собира ѓубрето;
  • да се постават повеќе канти за отпадоци, контејнери, да се организираат акции за чистење и дезинфекција и да се информираат/едуцираат граѓаните;
  • да има повеќе вработени Роми, особено жени, во локалното комунално претпријатие, да се постават луѓе одговорни за одржување на редот и хигиената во заедницата, да се казнуваат оние што загадуваат и фрлаат ѓубре на улица;
  • да се донесе акционен план.

За секоја група на прашања на крајот од секој дел имаше отворено прашање за тоа што би очекувале од здравствениот медијатор во полето на здравствена заштита, превенција од рак, вакцинација, зависности, сексуална едукација и контрацепција и хигиена. Од дадените одговори најмногу се очекува да се информираат граѓаните, да има повеќе едукација преку семинари и работилници, да се работи повеќе на терен, особено со младите и да се објасни работата на здравствениот медијатор бидејќи голем број не знаеа што би работел и зошто е потребен.

Заклучок

Според спроведените анкети можеме да заклучиме дека Ромите најмногу сакаат да учат и да се надоградуваат преку: „Кафе-разговор“, раскажување на приказни за деца, „Светско кафе“, споделувања на лични искуства, дебати, работилници, активности за здраво готвење, тркалезна маса, организирање на пазар и квиз.

Што се однесува на здравствената едукација и водењето на здрав живот, според добиените одговори Ромите имаат потреба од едукација во поглед на превенцијата од рак и мерките кои се нудат во нашата држава, кои вакцини се нудат бесплатно, како да им се помогне на зависниците од заедницата, кои се мерките за спречување на бременост и сексуално преносливи болести, како и симптомите на сексуално преносливите болести и зошто здравствениот медијатор е важен и која е неговата улога.

Овие анкети многу ќе бидат од корист во креирањето на едукативните содржини за курикулумот и прирачникот и креирањето на Локален здравствен акциски план за Роми. Со ова ќе се постигне основната цел на проектот – подобрување на здравствената ситуација и едукација кај Ромите.