Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ во соработка со здружението ЛЕГАТУС – Битола организираа часови за млади девојки и жени за учење основни компјутерски програми, како и користење на различни електронски услиги во рамките на проектот „ДИРА – Дигитална инклузија на возрасни Роми: Стекнување на знаења за користење на е-Услуги“.

Главната цел на овој проект е да се оспособат возрасните Роми и социјално исклучените лица да го користат потенцијалот на електронските услуги и да се вклучат во дигиталното општество. Ова им овозможува да бидат активни учесници во социјалниот, економскиот и културниот живот во нивните заедници.

Преку ДИРА платформата за е-учење, учесниците стекнуваат не само технички вештини, туку и знаења за користење на различни е-услуги кои им се достапни во нашата држава. Овие вештини ги олеснуваат нивните секојдневни активности и ги воведуваат во светот на дигиталната комуникација и информатика, што може значително да го зголеми нивниот пристап до образование, работа и други важни ресурси.

Важно е исто така да се истакне дека овој проект не само што ги подобрува животните услови на учесниците, туку и создава можност за подобрување на инклузивноста и диверзитетот во општеството. Секој човек, независно од неговата етничка или социо-економска припадност, има право на пристап до образование и можност за развој на своите потенцијали.

Вклучувањето на жените и девојките ромки во образовните активности на овој проект е од суштинско значење за подобрување на нивните животни услови и зајакнување на целокупната заедница.
Образованите жени се мотор на економскиот раст, социјалната инклузија и здравствениот напредок, што ја прави оваа иницијатива од големо значење за одржливиот развој и намалувањето на нееднаквостите.

Проектот е финансиран од страна на Националната агенција на Финска преку програмата Еразмус + на Европската Унија. Координатор на проектот е фондацијата „Деаконес“.

