„Заедно посилни“ по повод 1-ви март

Мартинки – симбол на древно-македонскиот празник Ксантика.

Во чест на месецот март и доаѓањето на пролетта се носат црвено-бели мартинки направени од конец, кои се ставаат на рака, во косата или како брош и се носат за среќа.

Изработката и подарување мартинки на најблиските е традиција која во Македонија се почитува уште од времето на Александар Македонски. На овој ден карактеристични црвени и бели висулци, топчиња и исплетени бразлетни познати како мартинки, се разменуваат или се подаруваат на најблиските, и се носат закачени на облеката или врзани на зглобот од раката.

Генерално, мартинките секогаш се прават од конци со црвена и бела боја меѓусебно испреплетени или исплетени. Белата боја од конецот имала значење на чистота и искреност, а црвената била симбол на светлина и љубов. Традиционалната мартинка се носи на левата рака или на облеката сè додека расцвета првото дрво. Потоа се закачува на дрво со желби за здравје за себе и за добро здравје на своите најблиски.
За таа цел како дел од нашите редовни работилници со корисниците од проектот „Заедно посилни“ на 1ви март 2023 година изработивме мартинки и разговаравме за значењето на оваа традиција.

Проектот е финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку програмата на Европскиот солидарен корпус на Европската Унија.