НЕ за малолетнички бракови – инфо ден

На 5 ноември 2024 година, во просториите на „Сумнал“ – Битола се одржа информативен настан во рамки на проектот „НЕ за малолетнички бракови“. Настанот имаше цел да ги запознае присутните со целите, активностите и очекуваните резултати од проектот.

Во текот на настанот беше нагласено колку негативни последици има од малолетничките бракови и како тие влијаат врз животот на младите. Посебно се истакна важноста на едукацијата и поддршката за младите, како и потребата од активна улога на заедниците во спречувањето на оваа појава.

Проектот „НЕ за малолетнички бракови“ има цел да ја подигне севеста за негативните ефекти од малолетничките бракови и да поттикне превентивни мерки преку едукација и поддршка. Со креирање на здрави и безбедни средини, проектот настојува да го намли овој проблем и да им обезбеди на младите можности за личен и образовен развој.

Малолетничките бракови претставуваат глобален социјален и правен проблем кој влијае врз здравјето, образованието и иднината на младите. Преку вакви активности, проектот придонесува за создавање на општество во кое младите имаат можност да се развиваат без пречки и ограничувања, да ја градат својата иднина и да ги остваруваат своите потенцијали.

 

Настанот беше одлична можност за присутните да ја изразат својата поддршка за иницијативата и да ги споделат своите ставови за можните решенија и активности кои ќе помогнат во надминување на овој проблем.

Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата на Европскиот солидарен корпус на Европската Унија.

Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ преку неговата реализација дополнително придонесува за подобрување на положбата на младите во заедницата покрај својот долгогодишен ангажман.