На 15 ноември 2024 година во Битола, во рамки на проектот „НЕ за малолетнички бракови,“ се одржа работилница со родители предводена од Мирјана Стојановска Недановска, началник на Отсекот за превенција при СВР Битола. На предавањето се дискутираше за сериозноста на малолетничките бракови како општествен проблем кој ги загрозува образовните и личните можности на младите, го попречува нивниот развој и го спречува нивниот пат кон подобра иднина.

Во борбата против малолетничките бракови, полицијата има витална улога. Таа учествува во идентификувањето на ризични случаи, спроведува превентивни активности и обезбедува поддршка и заштита за младите и нивните семејства. Преку блиска соработка со локалните заедници, образовните институции и социјалните служби, полицијата активно придонесува за спречување и санкционирање на ваквите случаи, обезбедувајќи заштита на правата и иднината на младите.

Проектот „НЕ за малолетнички бракови“ има цел да ја подигне свеста и да едуцира за негативните последици од оваа појава. Преку едукација, поддршка и превентивни мерки, проектот настојува да помогне во намалување на проблемот, создавајќи здрави и безбедни средини за раст и развој на младите.

Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската Унија, а го реализира Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал.“

