
Со гордост го најавуваме почетокот на проектот „НЕ за малолетнички бракови“, кој има за цел подигање на свеста и едукација за негативните последици од малолетничките бракови. Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската Унија, а во реализација на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал.“

Малолетничките бракови претставуваат сериозен проблем кој влијае врз образовните и личните можности на младите, го загрозува нивниот развој и го попречува нивниот пат кон посветла иднина. Преку едукација, поддршка и превентивни мерки, сакаме да помогнеме во намалување на овој проблем и да овозможиме здрави и безбедни средини за раст и развој на младите.
Во рамките на проектот, потпишавме меморандуми за соработка со СОУ „Таки Даскало“ – Битола, претставувано од директорот Ристо Груевски, и со ООУ „Ѓорѓи Сугарев” – Битола, предводено од директорката м-р Биљана Темелкова.
Преку оваа соработка, ќе организираме работилници и информативни сесии за учениците и нивните родители, на кои ќе се дискутираат последиците од малолетничките бракови, правата на децата, како и алтернативите кои младите можат да ги изберат за побезбедна и подобра иднина.

Особено сме благодарни за поддршката од сите партнери, како и за ангажманот на наставниците, психологот и педагогот од двете училишта, кои со своето искуство и професионалност ќе придонесат за успешно реализирање на проектните активности. Со нетрпение очекуваме да споделиме повеќе активности и резултати кои ќе придонесат кон зајакнување на младите и нивно насочување кон личен развој и образование.

