Во рамките на проектот „Градиме нови мостови преку уметност и култура“ во февруари се одржаа нови активности.
На 20.02.2024 година, учениците од двете училишта активно учествуваа во трите работилници во ООУ„Даме груев“. Овој пат, учениците од ООУ„Ѓорѓи Сугарев“ имаа можност да ги посетат своите врсници во ООУ „Даме Груев“.

Работилниците беа фокусирани на уметноста на цртање на стакло и имитација на витраж. Учениците се запознаа со историјата, видовите и техниките за создавање уметност со стакло.

Потоа тие го применија тоа што го научија создавајќи свои дизајни користејќи самолеплива хартија во боја и боејќи стаклени тегли и шишиња. Крајните производи, доказ за нивната креативност и учење, ќе бидат прикажани на крајот од проектните активности.

На 26.02.2024 година, учениците имаа уникатно ускуство за учење при нивната посета на католичката црква во Битола. Благодарни сме на сестра Љубица за топлото добредојде и што го сподели своето знаење за религијата, обичаите и уметноста на католичката вера.

Учениците, покажувајќи ја својата љубопитност, поставуваа проникливи прашања за разликите меѓу религиите. Тие имаа можност да ја видат и убавината на витражот, како во имитација на прозорците на црквата, така и во неговата автентична форма во катедралите во другите земји.
Активностите на проектот на крајот имаат за цел да ги зајакнат капацитетите на младите од двете основни училишта низ етничката поделба за промовирање на меѓуетничкиот дијалог, граѓанските вредности и борбата против дискриминацијата преку активности и иницијативи засновани на уметност и култура.

Продолжуваме со реализација и во наредните месеци. Проектот е финансиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје преку младинскиот интеркултурен уметнички фонд на проектот „Градиме нови мостови“.

