
Во февруари 2025 започна реализацијата на проектот „Театарска претстава за здрави одлуки – превенција на зависности“, кој ќе трае до јуни 2025 година. Проектот е финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската унија.
Цел на проектот
Проектот има за цел преку иновативен и интерактивен пристап – театарска изведба – да ја зголеми свеста кај младите за штетните последици од:
-
коцкање,
-
пушење (вклучувајќи електронски цигари),
-
консумација на алкохол,
-
употреба на наркотични средства.
Активности
Во проектот се вклучени 20 млади луѓе, од кои половина се млади со помалку можности, особено од маргинализираните заедници, со посебен фокус на младите Роми. Преку процес на учење, креативност и заедничка работа, тие развиваат вештини за:
-
комуникација,
-
тимска работа,
-
актерска изведба,
-
критичко размислување и здраво одлучување.
На 5 април 2025, во рамки на проектот, се одржа едукативна работилница во соработка со Отсекот за превенција при СВР – Битола, со цел подлабока едукација за негативните ефекти од зависностите и начините за нивно превенирање. Работилницата беше простор за отворен дијалог и практични совети, прилагодени на реалноста со која се соочуваат младите денес.
Кулминација
Проектот ќе заврши со јавна театарска претстава, проследена со дискусија со публиката, преку која ќе се подигне свеста и ќе се охрабрат позитивни промени во однесувањето и поддршката во заедницата.
Проектот претставува пример за тоа како уметноста и солидарноста можат да се спојат во моќна алатка за едукација, инклузија и општествена промена.

