“Меѓукултурно пријателство: Патување од Битола до Крушево”

Дел од учениците од основните училишта „Даме Груев“ и „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола имаа чест да истражуваат за градот Крушево за кој се вели дека е највисокиот град на Балканот, градот на македонската историја. Крушево е и градот на Тоше. А ние, имајќи го сето ова на ум, го нарековме градот на емоциите. Прошетката започна од Мечкин Камен кој е еден од најпознатите локалитети во близина на Крушево. Овој локалитет е познат по историската битка што се одиграла на 2 Август 1903 година, во одбрана на Крушевската Република.

Потоа продолживме кон споменикот „Илинден“ уште познат и како „Македониум“ кој е меморијален комплекс посветен на Илинденското востание и Крушевската Република. Споменичкиот комплекс „Македониум “е изграден на 1320 метри надморска височина, со извонреден поглед на градот. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи и витражи, а во објектот се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република.

Оттаму, учесниците го посетија вечното почивалиште на момчето со ангелски глас, Тоше Проески, и ја продолжија својата прошетка низ старото градско јадро, преку тесните и кривулести улички до крушевската чаршија каде во самото срце на градот се наоѓа црквата Свети Никола изградена во средината на 19 век, која импресионира со својата архитектура. Внатрешноста на црквата изобилува со икони и фрески, а особено уникатен е иконостасот кој е дело на познатите копаничари Петре Гарката и Димитар Станишев. На само неколку минути пешачење се наоѓа и црквата Свети Јован која меѓу народот е позната и како Влашка црква. Таа е еден од најзачуваните објекти во градот, изградена на почетокот на дваесетиот век.

Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ уште еднаш ги потврди своите заложби за негување на вистинските културни и историски вредности кои се дел од идентитетот и богатството на една заедница и е важно да се заштитат и пренесат на следните генерации. Среќни сме што дел од децата, кои се од различни националности, прв пат излегоа од градот Битола и уживаа во прекрасниот град Крушево и сите заедно се дружеа. Ја користиме можноста да се заблагодариме до директорите на училиштата Билјана Дамчевска Бакиевска и м-р Роберт Филиповски, како и на наставничката Соња Јанкуловска и психологот Марија Ковачевска. Посетата беше овозможена како дел од нашиот проект „Градиме нови мостови преку уметност и култура“ финансиран од ОБСЕ Мисијата во Скопје во рамките н нивниот младински меѓукултурен уметнички фонд.