Во рамките на проектот „Роми за зелена иднина“, финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, беше спроведено истражување со цел да се анализира влијанието и можностите за примена на зелени практики во ромските заедници во Северна Македонија.
Истражувањето опфати ромски семејства од Пелагонискиот и Скопскиот регион и беше насочено кон утврдување на состојбата со управувањето со отпад, пристапот до зелени површини, примената на енергетски ефикасни решенија во домаќинствата, како и подготвеноста на заедницата за вклучување во заеднички еколошки активности.
Преку комбинација од теренски посети, телефонски интервјуа и анкетни прашалници, беа собрани податоци кои укажуваат на сериозни инфраструктурни и системски предизвици – како недостиг на контејнери за отпад, слабо развиени навики за селекција и ограничен пристап до зелени јавни простори. Истовремено, резултатите покажуваат и постоење на позитивни практики, како штедење на енергија и вода, како и висока подготвеност на заедницата да учествува во акции за чистење и пошумување, доколку постои соодветна поддршка.
Наодите од истражувањето претставуваат значајна основа за креирање препораки и предлог-мерки насочени кон подобрување на животната средина, јакнење на еколошката свест и унапредување на социјалната инклузија на ромските заедници. Проектот „Роми за зелена иднина“ преку вакви анализи и активности придонесува кон градење поодржливи, почисти и поздрави заедници, со активно учество на самите граѓани.
