
На 26 февруари 2026 година, во спортската сала на СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се одржа втората работилница во рамки на солидарниот проект „Мостови на пријателство“, поддржан од програмата Европски солидарен корпус.

Проектот „Мостови на пријателство“ претставува повеќе од серија активности – тој е континуиран процес на градење доверба, разбирање и меѓусебно почитување. Преку различни интерактивни активности, младите од различни етнички и социјални заедници во Битола имаат можност да се запознаат, да разменат искуства и да научат дека различноста претставува вредност и богатство.

Втората работилница беше исполнета со динамични тимски игри, отворени разговори и позитивна енергија. Учениците активно учествуваа и покажаа дека кога им се овозможува безбеден и поддржувачки простор, тие знаат да слушаат, да прифаќаат и да создаваат заеднички вредности.

Активностите беа реализирани од страна на Михајло Сиљанов и Васко Димитровски, кои преку спорт и интерактивни методи придонесоа за поттикнување на отворена комуникација, доверба и чувство на припадност кај учесниците.

Мотото „Новите ветришта и новата младост во вредностите на солидарни умови“ ја отсликува атмосферата што се создаде за време на работилницата – исполнета со ентузијазам, соработка и искрена желба за поврзување.

Проектот „Мостови на пријателство“ јасно покажува дека иднината се гради преку дијалог, соработка и директни средби. Кога младите се поврзуваат, се создава посилна и поинклузивна заедница.

Солидарниот проект „Мостови на пријателство“ е финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската Унија. Содржината на оваа објава е одговорност на здружението „Сумнал“ и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
