Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ од септември 2022 година започна со реализација на Партнерството за соработка Proceed Goes Practise (Процесот оди во пракса) во рамките на Еразмус + програмата, во областа на стручно образование и обука.

Во рамки на проектот, на ден 29.06.2023 година се одржа информативен настан за професионална ориентација. На почетокот краток вовед за проектот даде м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателката на „Сумнал“.

Исто така се обрати и наставничката Наташа Тодоровска од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола која беше дел од тренингот за наставници во Унгарија, со цел да се обучат да го користат создаденото упатство за професионална ориентација на учениците Роми и да ги интергрираат проектираните мерки за професионалната ориентација на Ромите во секојдневното образование. Наставничката Тодоровска го пренесе стекнатото искуство од Унгарија.

На присутните гости исто така им се презентираше за професионалната ориентација и нејзината важност. Колешката Викторија Михајловска зборуваше за професионалната ориентација во земјите партнери и сподели примери на најдобри практики и препораки за интегрирање на професионалната ориентација за младите Роми во училишниот живот.

На крајот се разви дискусија во која беше насочено дека треба повеќе да се работи со учениците почнувајќи од 6 одделение, да им се претстават сите училишта што работат и колку поени се потребни за запишување во средните училишта.

Еден од заклучоците беше дека треба заедно со Агенцијата за вработување да се видат потребите на пазарот и да се креираат соодветни наставни програми кои ќе се изучуваат во средните училишта.


