Дисеминација на знаењата од Еразмус + тренингот „Јади здраво – Живеј здраво“

На 24 ноември 2024 година, во рамките на Еразмус+ проект, се одржа работилница за дисеминација со млади од регионот Пелагонија, на која се споделија знаењата и искуствата стекнати за време на обуката „Јади здраво – живеј здраво“ што се одржа од 22 до 30 октомври 2022 година во Еани, Кожани, Грција.

Работилницата беше одлична можност за младите да се запознаат со основните концепти на здравата исхрана, важноста на информираните прехранбени избори и улогата на исхраната во превенцијата и справувањето со хронични болести. Учесниците имаа можност да научат како да планираат балансирани оброци, да усвојат одржливи навики за исхрана и да разберат како културната разновидност може да ја збогати исхраната.

На овој настан, учесниците од Северна Македонија, Јована Стојанова, Емилија Марковска и Ангела Плушковска, кои беа дел од оригиналната обука ги споделија своите искуства, вклучувајќи ги стекнатите знаења за важноста на здравата исхрана и физичката активност, како и начини за нивно промовирање во заедницата. Тие ги истакнаа и практичните аспекти на обуката, како што беа работилниците за готвење и демонстрациите на културно разновидни јадења, кои беа значајни за инспирирање на позитивни промени во секојдневниот живот.

Младите од Пелагонија активно учествуваа во дискусијата, изразувајќи интерес за воведување на стекнатите знаења во нивните заедници. Преку оваа работилница, се нагласи важноста на образованието како средство за превенција на здравствени проблеми и за промовирање на здрави животни стилови.

Проектот „Јади здраво – живеј здраво“ продолжува да инспирира позитивни промени, поттикнувајќи ги младите да станат носители на здрави навики и одржливи практики во нивните средини. Благодариме на сите учесници за нивната активна вклученост и на организацијата Go Alive за оваа исклучителна можност за учење и соработка.