Работилница со доктор Ели Димовска

Во рамки на проектот „Не за малолетнички бракови,“ едукативното предавање со доктор Ели Димовска од ПЗУ „Д-р Ели“ понуди драгоцени информации и насоки за важноста на здравјето на малолетните лица при склучување на малолетнички бракови. Докторката Димовска нагласи дека ранoто влегување во брачни односи носи сериозни здравствени, емоционални и психолошки ризици, како за девојчињата, така и за момчињата. Докторката Димовска истакна дека малолетничките бракови често водат до компликации за време на бременост и породување, бидејќи телата на младите девојчиња не се физички подготвени за тие промени.

Пораката на докторката беше јасна и охрабрувачка: „Едукацијата е клучна за спречување на малолетничките бракови. Мораме да им овозможиме на младите пристап до информации за репродуктивното здравје и да ги охрабриме да ги искористат можностите за образование и личен развој. Секое дете има право на детство, здрав живот и иднина исполнета со потенцијали.“ Докторката повика на поголема вклученост на семејствата, заедниците и образовните институции во напорите за превенција на малолетничките бракови. Таа истакна дека со заеднички напори, можеме да создадеме општество кое ќе ги заштити најранливите категории и ќе им понуди можности за безгрижно детство и здрав развој.

Предавањето заврши со дискусија, при што присутните имаа можност да поставуваат прашања и да споделат искуства, што придонесе за зголемена интеракција и поголема освестеност кај учесниците. И благодариме на компанијата Касинос Аустриа Интернатионал Македонија ДОО Скопје и фирмата содружник во Државна Видеолотарија на Македонија за малите подароци! Целта на проектот е да ја подигнеме свеста за негативните последици од малолетничките бракови и да поттикне превентивни мерки преку едукација и поддршка.

Проектот се фокусира на создавање здрави и безбедни средини за младите, овозможувајќи им личен и образовен развој. Малолетничките бракови претставуваат глобален социјален и правен проблем кој сериозно влијае врз здравјето, образованието и иднината на младите. Преку вакви активности, проектот придонесува за градење на општество во кое младите можат да се развиваат без пречки и ограничувања, да ја градат својата иднина и да ги остваруваат своите потенцијали.

Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, преку програмата на Европскиот солидарен корпус на Европската Унија. Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ преку реализацијата на овој проект продолжува со својот долгогодишен ангажман за подобрување на положбата на младите во заедницата.