Млади од четири земји обединети за поинклузивни и зелени заедници

Во периодот од 8 до 15 јуни 2026 година, Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ ја реализираше Erasmus+ младинската размена „Од учество до акција: Млади кои создаваат инклузивни и зелени заедници“, која се одржа во хотел „Молика“ – Пелистер, Битола. Размената обедини млади учесници од Северна Македонија, Грција, Италија и Литванија.

Главната цел на младинската размена беше да ги поттикне младите активно да учествуваат во своите заедници и да придонесуваат кон создавање поинклузивни, еднакви и одржливи средини. Преку методи на неформално образование, учесниците ги истражуваа темите на младинското учество, социјалната инклузија, еднаквоста, одржливоста и одговорноста кон заедницата.

Во текот на програмата младите учествуваа во тимски и искуствени активности, предизвици на отворено, фотографија и визуелно изразување, групни дискусии и креативна работа. Преку активноста „Инклузивни и зелени простори низ објективот“ тие ги истражуваа инклузијата и одржливоста преку фотографија, додека предизвиците за учество и еднаквост им овозможија да размислуваат за различните можности, бариерите за учество и важноста секој глас да биде слушнат.

Посебен дел од програмата беше посветен на визијата на младите за заедниците во кои сакаат да живеат. Во меѓународни тимови тие ја реализираа активноста „Дизајнирај ја твојата идеална заедница“, развивајќи идеи за зелени површини, достапни јавни простори, одржлив транспорт, младинско учество и поголема инклузивност. Преку „Гласовите на заедницата“ дополнително ги истражуваа различните потреби и перспективи во локалните заедници и можните решенија за нивните предизвици.

Програмата вклучи и активности во Охрид, каде учесниците имаа можност да го истражуваат природното и културното наследство, да се дружат и да го продлабочат интеркултурното учење.

Во последниот дел од размената, фокусот се префрли од идеи кон акција. Младите развиваа сопствени иницијативи, ги распределуваа задачите и заеднички реализираа активности преку кои ги пренесоа пораките за активно учество, инклузија и одржливост.

Важен дел од целата размена беше и интеркултурното учење. Учесниците ги споделуваа своите култури, традиции и искуства, создавајќи простор за меѓусебно запознавање, почитување на различностите и нови пријателства.

Преку YouthPass и редовните активности за рефлексија, младите имаа можност да го препознаат сопствениот процес на учење и развојот на компетенции во областите на комуникацијата, тимската работа, активното граѓанство, интеркултурното учење, иницијативноста и личниот и социјалниот развој.

Младинската размена покажа дека младите не се само учесници во своите заедници, туку можат да бидат активни носители на позитивни промени. Со нови знаења, искуства, идеи и меѓународни пријателства, учесниците ја завршија размената подготвени наученото да го пренесат и применат во своите локални заедници.

Активноста беше дел од акредитираниот проект за млади на Сумнал финансирана од Еразмус + програмата на Европската Унија преку Националната агенција за европски програми и мобилност.