„Youth Work for Participation and Inclusion“ – меѓународна мобилност за младински работници на Пелистер

Од 1 до 8 јули 2026 година, Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ ја реализираше меѓународната мобилност за младински работници „Youth Work for Participation and Inclusion“, која се одржа во хотел „Молика“, Пелистер – Битола.

Во активноста учествуваа 25 младински работници од Северна Македонија, Бугарија, Романија, Словенија и Шпанија, кои во текот на една недела учеа, разменуваа искуства и добри практики и воспоставуваа нови контакти за идна соработка. Главната цел на мобилноста беше зајакнување на компетенциите на младинските работници за инклузивна младинска работа и работа во заедницата преку неформално образование, интеркултурна размена, меѓусебно учење и вмрежување.

Програмата започна со активности за меѓусебно запознавање, градење доверба и создавање безбедна и инклузивна средина за учење. Учесниците се запознаа со можностите што ги нуди програмата Erasmus+, Youthpass и Erasmus+ акредитацијата, а посебно внимание беше посветено на активното младинско учество, инклузијата и улогата на младинските работници во создавањето можности за сите млади.

Преку интерактивна работа и дискусии, учесниците ги истражуваа различните бариери со кои се соочуваат младите, особено младите со помалку можности, и разменуваа искуства за тоа како младинската работа може да стане поинклузивна и подостапна.

Важен дел од мобилноста беше и меѓународната размена на искуства. Учесниците ги претставија своите организации и начинот на кој е организирана младинската работа во нивните земји, разговараа за различните механизми за младинско учество и ги споредуваа предизвиците и можностите со кои се соочуваат младинските работници во различни европски контексти.

Во следниот дел од програмата фокусот беше ставен на различни пристапи кон младинското учество, работата со млади со помалку можности, размената на добри практики и методи и меѓусебното учење. Учесниците споделуваа примери од сопствената работа, дискутираа за заедничките предизвици во младинскиот сектор и разгледуваа можности за нивно надминување преку соработка и размена на искуства.

Мобилноста вклучуваше и студиски посети во Скопје, Охрид и Битола, кои им овозможија на учесниците да се запознаат со различни нивоа и форми на младинско учество и младинска работа во Северна Македонија.

Во Скопје, учесниците го посетија Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), каде се запознаа со неговата улога, младинските политики, застапувањето и механизмите за младинско учество на национално ниво.

Студиската посета во Младинскиот центар во Охрид овозможи поблиско запознавање со младинската работа на локално ниво и со начините на кои младинските центри создаваат простор за учество и развој на младите.

Во Битола, учесниците го посетија Младинскиот центар Битола, каде им се придружи и Димитар Атанасовски, член на Локалниот младински совет при Општина Битола. Средбата овозможи дискусија за локалното младинско учество, работата со младите и улогата на локалните механизми преку кои младите можат да бидат вклучени во процесите во својата заедница.

Покрај образовниот дел, посетите на Скопје, Охрид и Битола вклучуваа и културно истражување и интеркултурна размена, додека во текот на мобилноста учесниците имаа можност подобро да ги запознаат културите на земјите учеснички и да изградат нови професионални и лични врски.

Во завршниот дел од програмата, учесниците ги поврзаа искуствата од студиските посети со сопствената работа и разговараа за идна Erasmus+ соработка, нови партнерства и можности за развивање заеднички проектни идеи. Преку рефлексија, евалуација и Youthpass процесот, тие имаа можност да го согледаат сопствениот процес на учење и компетенциите развиени во текот на мобилноста.

Мобилноста „Youth Work for Participation and Inclusion“ создаде простор за учење, интеркултурен дијалог, споделување искуства и добри практики, вмрежување и развивање нови идеи за соработка, со заедничка цел – поквалитетна, поинклузивна и попартиципативна младинска работа.

Активноста беше реализирана во рамки на акредитираниот Erasmus+ проект на СУМНАЛ во областа на младите, финансиран од Erasmus+ програмата на Европската Унија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.