
Во Мадрид, за прв пат успешно се реализираше уникатниот музички настан „La Voz de los Colores – Гласот на боите“, концерт на жива музика посветен на Меѓународниот ден на Ромите.
Настанот се одржа на 28 март 2026 година во Centro Cultural Nicolás Salmerón и претставуваше значаен културен момент кој обедини уметност, традиција и меѓународна соработка.

На сцената настапија истакнати македонски уметници:
- 🎤 Ернес Ибраимовски – оперски пејач (баритон)
- 🎹 Андреј Наунов – пијано
Нивниот настап донесе силна емоција и автентично музичко доживување, доближувајќи ја македонската и ромската музичка традиција до шпанската публика.

Концертот беше реализиран од Здружението Сумнал во соработка со Asociación Cultural Hispano-Macedonia SONCE.
Настанот се одржа во рамки на проектот „Гласот на боите: културна размена и афирмација на ромската уметност по повод Светскиот ден на Ромите“, кој е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, како проект од национален интерес во културата за 2026 година.

Настанот беше проследен со исклучително позитивни реакции и значителен интерес од публиката. Околу 95% од присутните беа шпански граѓани, што претставува силен показател за интересот кон македонската култура и ромската уметност на меѓународната сцена.

Овој концерт претставува значаен чекор кон зајакнување на културната размена и афирмација на македонската и ромската култура надвор од границите на земјата. Воедно, ја потврдува важноста на уметноста како средство за поврзување на луѓето, градење разбирање и создавање нови можности за соработка.
