ПРОЕКТ „ЗАШТИТА ЗА СИТЕ“ – ФИНАЛНА ФАЗА И ЗАВРШУВАЊЕ

Последната фаза од проектот „Ги штитиме ромските деца и семејства“ – ЗАШТИТА ЗА СИТЕ“ се состои од 4 фази: онлајн часови, тематски работилници, сесии со психолог и теренска работа за информирање на тешко достапните Роми во врска со мерките за заштита од Ковид-19.

Во склоп на првиот дел се одржаа вкупно 8 онлајн часови на различни теми со децата-корисници на проектот. За таа цел беа ангажирани 4 едукатори и секој подготви по два часа со онлајн активности. На првиот час, преку презентација и цртежи, децата беа запознаени со нивните права за време на Ковид-19. На вториот час децата кажуваа искуства за тоа како да се заштитат тие и нивните семејства за време на пандемијата и тоа го претставија со цртежи.

На третиот час децата имаа активности поврзани со годишнотот време есен. Читаа расказ, учеа песничка и изработија дрво со листови од печати од јаболка во црвена, жолта и зелена боја. Четвртиот час беше посветен на одбележување на „Конвенцијата за правата на децата“ преку разговор, како и цртање, сечење и лепење на дечиња и рачиња во боја.

Петтиот и шестиот час беа посветени на стекнување вештини за боење и математички операции.

На седмиот час дечињата учеа новогодишна песничка и цртаа новогодишна елка. Последниот час беше посветен на сообраќајот, односно се учеше функцијата на семафорот и на одредени сообраќајни знаци.

Вториот дел од последната фаза се состоеше од сесии со психолог. Се одржаа вкупно 6 сесии со цел корисниците да се информираат за менталното здравје, како да го одржат за време на пандемијата, и исто така беа запознаени со состојбите на стрес и анксиозност, начините и техниките за справување со нив, како и со семејното насилство како последица од нив и справување со истото. Сите сесии беа одржани онлајн преку Вибер и Зум платформата. За подготвувањето и одржувањето на сесиите имавме инволвирано дипломиран психолог Ром и исто така имавме консултант психотерапевт од Велика Британија за чие учество беше обезбеден превод од англиски на македонски јазик.

Третиот дел се состоеше од организирање на 7 работилници на различни теми поврзани со Ковид-19. Шест од работилниците се одржаа онлајн преку Вибер и Зум платформата. Услови да се организира работилница со физичко присуство имавме само за една работилница.

Првата работилница ја одржа воспитувачот Гзиме Коминовска на тема „Важноста на предучилишното образование во услови на Ковид-19“. Втората работилница беше на тема „Како да бидеме пријателски настроени кон природната околина за време на Ковид-19“, осврнувајќи се на загадувањето за време на пандемијата и кои акции да ги преземеме за негова превенција.  Работилницата ја одржа м-р Лилјана Таневска Арсова, специјалист по локален развој.

Следната работилница ја одржа Лорета Станковиќ на тема „Образовниот систем за време на Корона вирусот“ со цел учесниците да се запознаат со сите онлајн платформи и начини за едукација за време на пандемијата. Четвртата работилница беше одржана од д-р Ели Димовска, специјалист по семејна медицина.

За време на работилницата докторката зборуваше за вирусот, неговите симптоми и начини на превенција и заштита. Следната работилница ја одржа гинекологот Владко Ѓоргиевски на тема „Како да го одржиме женското репродуктивно здравје во време на Ковид-19“.

Претпоследната работилница се одржа со физичко присуство во хотел „Милениум“, Битола, при што се испочитуваа сите протоколи и мерки за заштита. Темата на работилницата беше „Како жените Ромки да останат активни во борбата за рамноправност и еднаквост во услови на Ковид-19“, а ја одржа Сибел Бајрам, наставник по англиски јазик и активист за правата на жените Ромки. Последната работилница беше на тема „Енергетска ефикасност во време на Ковид-19“ одржана од едукаторот Елена Темелковска.

Како последен-четврти дел од последната фаза на проектот имавме теренска активност со цел да се допре до тешко достапните Роми кои собираат железо, хартија и пластика за да преживеат. За оваа цел еден теренски работник се среќаваше со оваа група на луѓе со цел да ги информира за вирусот, донесените мерки и начините на заштита од истиот.

Оваа последна фаза допринесе за успешно завршување на проектот, а особено на главната цел – едукација на ромското население за и во време на Ковид-19 пандемијата. Проектот го финансираше ОБСЕ – Мисијата во Скопје.