Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ учествуваше на меѓународната Erasmus+ обука „Digital Skills for Everyone“, која се одржа во периодот од 15 до 22 март 2026 година во Толедо, Шпанија, во организација на партнерската организација Ecocompartimos.

Тројца учесници од нашиот тим активно учествуваа во интерактивни сесии насочени кон развој на дигитални вештини, инклузивно образование и работа со лица со ниско ниво на писменост. Обуката имаше за цел да ги зајакне капацитетите на младинските работници за ефективно користење на дигитални алатки во нивната секојдневна работа, како и да поттикне интеркултурна размена и соработка.

Во текот на првите денови, тимот на Сумнал ја претстави организацијата и нашата долгогодишна работа со ромската заедница, при што беа споделени добри практики и искуства од проектите DIRA и „Намалување на дигиталната сиромаштија“. Ова претставување отвори простор за размена на идеи и препознавање на заеднички предизвици со партнерите од други земји.

Програмата на обуката опфати широк спектар на теми, меѓу кои:
- основи на дигитална писменост и користење на алатки како Google Drive, Zoom, Canva и Padlet,
- креирање на CV и подобрување на вработливоста,
- безбедност на интернет и заштита на младите во дигиталниот простор,
- користење на социјални медиуми и LinkedIn за зголемување на видливоста,
- интеркултурна размена и развој на идни партнерства.

Обуката комбинираше практични работилници, симулации и групна работа, овозможувајќи учење преку искуство и директна примена на стекнатите знаења. Посебен акцент беше ставен на креирање на прирачник со алатки и добри практики, кој ќе им помогне на организациите во понатамошната работа со нивните целни групи.

Учеството на Сумнал на оваа обука претставува значаен чекор кон зајакнување на нашите капацитети и проширување на меѓународната соработка. Со нетрпение ги очекуваме следните активности, како и новите можности за партнерства кои ќе придонесат за подобра поддршка и инклузија на ромската заедница.
