
Во периодот од 12 до 14 март 2025 година, во хотел „Романтик“, Велес, се одржа обука за ментори на волонтери и тренери за млади во рамките на програмата Европски солидарен корпус (ЕСК), организирана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Оваа обука претставува дел од континуираната поддршка што Агенцијата ја нуди на корисниците на грантови во рамките на ЕСК програмата, со цел подобрување на квалитетот на менторската поддршка и зајакнување на капацитетите на младинските организации и нивниот кадар.

На обуката учествуваа 23 претставници од различни организации, кои преку три дена интензивна работа, интерактивни сесии и групни дискусии, стекнаа нови знаења и практични вештини поврзани со менторирање на волонтери, комуникација и поддршка, справување со предизвици и менторирање на млади со помалку можности.
Посебен фокус беше ставен на улогата на менторот во текот на сите фази од волонтерското искуство – од селекција и подготовка на волонтерите, до поддршка за време на нивниот ангажман, па сè до финалната фаза на нивното враќање дома и активно учество во активности за дисеминација и споделување искуства.

Со гордост истакнуваме дека двајца претставници од нашата организација – Сумнал беа дел од оваа обука, активно учествуваа во дискусиите и вежбите, и се вратија со збогатено знаење кое ќе го применуваат во тековните и идните проекти со волонтери.
👉 Обуката овозможи поврзување со колеги од други организации, размена на искуства и идеи, како и инспирација за нови иницијативи кои ќе придонесат за унапредување на младинската работа во нашата земја.

Изразуваме искрена благодарност до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за укажаната можност да бидеме дел од оваа иницијатива, како и за нивната континуирана поддршка на младинските организации и развојот на волонтерството преку Европскиот солидарен корпус.

