
“Сумнал“ го одбележа 8-ми Април, Интернационалниот ден на Ромите со колтурна манифестација под наслов „Ткаење нишки на вклучување низ таписеријата на уметноста и културата“ во партнерство со Општина Битола.

Во преполнетата сала говор одржа претседателката, м-р Фатма Бајрам Аземовска, во кој истакна: „Новите генерации Роми со силна мотивација и желба го прифатија предизвикот да бидат носители на прогресот, на промените. Денес ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество. Денешното време нè потсетува дека Ромите се неодделен дел од нашето општество и дека треба да бидат вреднувани. Во светлината на денешниот ден треба да продолжиме со нашата ангажираност и поддршка кон инклузијата, образованието и можностите за работа за Ромите.“

Програмата беше збогатена со модната ревија на учениците од текстилната струка – техничар за дизајн на облека од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Моделите ги носеа учениците и студентите од ООУ„Даме Груев“, ООУ „Ѓорги Сугарев“, СОУ „Таки Даскало“, СОЕУ „Јане Сандански“ и Бизнис академија Смилевски – Битола, под менторство на професорките Живка Танушева Ицаноска и Ема Ќука.

Се прикажаа и модели од модниот дизајнер Муамед Маликовски. Маликовски е познат по својата креативност, иновативен пристап и ангажман за прослава на ромската култура. Неговите креации се симбол на елеганција, стил и индивидуалност, што го прави идеален кандидат за нашата ревија. Ревијата беше простор за изразување на културното наследство и иновација прославувајќи ја светлината на ромската култура преку модата.

Во музичкиот дел настапија учениците и професорите од Државното музичко училиште – Битола, потоа Анеса Коминовска од Ресен и оперскиот пејач Ернес Ибраимовски во пијано придружба на маестро Андреја Наунов од Националната опера и балет – Скопје кои ги исполнија ромските и македонски народни песни: „Пиравело Миле“, „Кој што ме чуе да пеам“, „Сајбија“, „Не стој Доне Донке“ итн.





