На 27 април 2026 година, во Градскиот парк во Битола, успешно се реализираше работилница во рамки на проектот „Приказни што поврзуваат – читање како пат кон инклузија“.

Проектот има за цел да поттикне љубов кон читањето и писменоста кај децата на возраст од 2 до 10 години, да овозможи еднаков пристап до книги и образовни содржини за семејствата кои живеат во социјален ризик, како и активно да ги вклучи родителите во процесот на учење и развој. Воедно, проектот придонесува за зајакнување на врската помеѓу семејството и библиотеката, развој на инклузивни и креативни методи за работа и промоција на социјална инклузија и културна разновидност преку заеднички активности.

Во првиот дел од работилницата, децата имаа можност да ги слушнат приказните „Марко и денот на спортот“, „Шумската олимпијада“ и „Големиот натпревар на другарството“, преку кои учеа за упорноста, соработката и вербата во себе. 📖

Фатма Бајрам Аземовска ги запозна децата и со дел од книгите од фондот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, кои се достапни за позајмување и понатамошно читање.

Во вториот дел од активноста, Васко Димитровски реализираше интерактивни спортски активности, при што децата имаа можност да се запознаат со различни спортови и спортски реквизити, како што се фудбал, кошарка и ракомет. ⚽🏀🤾

Преку игра, движење и тимски активности, децата:
- шутираа фудбалска и ракометна топка,
- фрлаа во кош,
- учествуваа во тимски игри,
- учеа за фер-плеј, соработка и меѓусебна поддршка.
Активностите придонесоа за развој на моторичките вештини, самодовербата, тимската работа и љубовта кон читањето и спортот.

Проектот „Приказни што поврзуваат – читање како пат кон инклузија“ создава инклузивен и поттикнувачки простор за учење преку читање, обединувајќи ги децата и родителите од ромската и други маргинализирани заедници и поттикнувајќи љубов кон книгата уште од најрана возраст.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
