ЧЛЕНКА НА „СУМНАЛ“ ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА ЗА ЛОКАЛЕН ВОЛОНТЕРСКИ АНГАЖМАН ЗА 2022 ГОДИНА

По повод 5-ти Декември, Меѓународниот ден на волонтерите, Советот за волонтерство на Општина Битола додели Локална награда за волонтер/волонтерска акција за 2022 година.
Една од наградените волонтерки е и нашата членка, Ферзије Асаноска. Честитки за наградата и и посакуваме уште многу вакви успеси во иднина.
Целта на доделувањето на оваа награда е да се поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Наградата е од големо значење за признавање на граѓанскиот ангажман во подобрување на животот во локалната заедница. Добитници на наградата оваа година, покрај Ферзије се и: Валентина Соколовска, Марија Бошковска, наградени како волонтери за 2022 година, потоа Здружението за заштита од повеќе аспекти „Виктори“ од Битола, наградено како организатор за волонтерска работа за 2022 година и Наташа Дарков како волонтерски координатор за 2022 година.
Наградите ги додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им се заблагодари на наградените за нивното досегашно дејствување, посакувајќи уште многу успешни волонтерски активности во следниот период, за кои општината секогаш е подготвена да ја обезбеди неопходната поддршка.
Во прилог, детално образложение за добитничката на наградата:
Ферзије Асаноска – Волонтер за 2022 година
Ферзије е долгогодишен член на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ и е вршител на една од најкомплицираните задачи на терен, односно таа е ромски образовен медијатор.
Ферзије успева теренски да запише првачиња Роми, повратниците од странство повторно ги враќа во училиште, а отпишаните ученици ги мотивира и ги враќа без разлика на нивната надмината возраст да го продолжат своето образование. Во Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ придонесува во Ромскиот здравствен образовен центар, со што ги мотивира младите Роми да го продолжат своето образование.
Таа е вклучена на други различни теми и проекти кои се однесуваат за инклузија на Ромите. Дел е и од акциската група „Ромактед“ преку којашто заедно со општината планираат и реализираат планови во врска со подобрувањето на состојбата на Ромското население во сите области. Ферзије е одговорна и посветена кон извршувањето на своите задачи и останува во градот да си ја гради својата кариера и да волонтира. Таа е личност која сака да учи, да се надоградува и сака своето знаење да го сподели со другите.
„Сумнал“ и понатаму останува посветена на промовирање на волонтерството како и нудење можости и давање поддршка на сите наши сегашни и идни волонтери.