Заедно посилни за 8-ми Март

„Биди горда што си жена. Мудра, достоинствена, храбра и силна, а истовремено и нежна и внимателна. Биди таква уште долги години“ – една од многуте срдечни честитки по повод Mеѓународниот ден на жената.
8-ми Март го одбележавме на посебен начин. Имавме интересна работилница со Билјана Крајчевска — драматург во НУ народен театар – Битола и едукатор во Интимен театар која заедно со нејзините ученици ни спреми прекрасни активности со кои им го разубавивме денот на нашите кориснички и членовите на нивните семејства.
Разговаравме за историското значење на Меѓународниот ден на жената, а потоа ученичките не почестија со читање на преубави текстови за нивните жени херои кои предизвикаа да падне по некоја солза на нашите образи. Тоа беше проследено и со музички изведби на песни од страна на една од ученичките која ги разнежни и развесели нашите души, па сите заедно запеавме со неа.
Потоа, и корисничките охрабрени споделија приказни за нивните животни херои.
За крај, со помош на нашите гости создадовме една прекрасна заедничка поетска творба.
За време на настанот не посети и градоначалникот на Општина Битола, г-дин Тони Коњановски, кои им подели цвеќиња на нашите кориснички, им го честита празникот и ги охрабри да бидат пример во нивната заедница и во нивните семејства мотивирајќи ги своите ќерки и внуци да се образуваат бидејќи само така ќе имаат подобра иднина.
Активноста ја спороведовме преку нашиот солидарен проект „Заедно посилни“ кој е финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку програмата на Европскиот солидарен корпус на Европската Унија.