
Активностите во рамките на проектот „Градиме нови мостови преку уметноста и културата“ продолжија и во ноември 2023 година. По успешно спроведените работилници за графити, тимот на проектот се состана за да се договорат деталите околу дизајнот и работата на муралите кои се изработија во двете училишта партнери.

Првиот мурал чија работа започна на 27.11.2023 година се изработи на избран надворешен ѕид во близина на влезот на ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола. Заедно сонајмениот експерт и учесниците во рок од една недела се создаде прекрасно уметничко дело кое има за цел да ја пренесе пораката дека „Успешна иднина ќе имаме само преку мир, разбирање, толеранција и љубов“, а до израз доаѓа цртежот на подадени раце во различна боја над земјината топка.

Вториот мурал краси внатрешен ѕид во ООУ „Даме Груев“ – Битола пренесувајќи ја истата порака, но со мала варијација во дизајнот давајќи му акцент на крилја од пеперутка. Работата на вториот мурал се одвиваше во текот на декември.

Двата мурали ќе стојат како сведок за соработката помеѓу „Сумнал“, ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Даме Груев“ во Битола во склоп на „градењето нови мостови преку уметност и култура“ пренесувајќи ја заедничката порака до сите сегашни и идни генерации на училиштата, како и до сите случајни или намерни минувачи.

Проектот е финансиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје преку нивниот младински меѓукултурен уметнички фонд „Градиме нови мостови“.

