Посета и настан во рамки на #ErasmusDays2025 – „Сумнал“ Битола

На 15 октомври 2025 година, Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“ – Битола имаше чест да ја угости г-ѓа Јохана Тарваинен, EPALE координаторка и КА1 координаторка во Еразмус+ Национална агенција во Финска, како и м-р Љупка Ќуркчиева, раководителка на одделението за Еразмус+ КА2 стратешки партнерства во образование за возрасни и EPALE координаторка при Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Важен дел од посетата беше запознавањето со организациите што работат на терен, социјалните партнери и граѓанските иницијативи кои преку своите програми придонесуваат за поголема инклузија, образование и еднакви можности за Ромската заедница.
На средбата, претседателката на „Сумнал“, м-р Фатма Бајрам Аземовска, ги претстави активностите и проектите на организацијата, додека жени активни во заедницата ги споделија своите лични искуства и приказни за промена. Средбата помина во духот на взаемно учење, инспирација и европска солидарност.

Во организација на „Сумнал“, на 16 октомври 2025 година, во Хотел „Милениум“ се одржа настан во рамки на #ErasmusDays2025, посветен на влијанието на европските програми врз менталното здравје, самодовербата и семејната поврзаност кај младите.

На присутните им се обрати м-р Фатма Бајрам Аземовска, која истакна дека учеството во програмите Еразмус+ и Европскиот солидарен корпус не само што отвора образовни можности, туку и ги гради вредностите на емпатија, одговорност и самопочит кај младите.
Во дискусиите учествуваа доц. д-р Марина Кузмановска и психологот и семеен терапевт Наташа Бекирова, кои споделија стручни совети за поврзаноста помеѓу семејната поддршка, менталното здравје и младинскиот развој.

Млади учесници и нивни родители ги споделија своите лични искуства од европските проекти, нагласувајќи дека Еразмус+ не е само програма, туку животно искуство кое менува перспективи. Настанот заврши со неформално дружење и размена на идеи за идни иницијативи и соработки.

Оваа активност уште еднаш ја потврди важноста на европските програми како двигател на позитивни промени, инклузија и зајакнување на заедниците.