Серија од четири видеа посветени на булингот кај младите
По повод Светскиот ден на менталното здравје, Здружението за развој на ромската заедница Сумнал – Битола реализираше серија од четири едукативни видеа посветени на булингот – една од најзастапените појави во училиштата која има сериозно и долгорочно негативно влијание врз менталното здравје кај децата и младите.
Преку стручни согледувања од психолози, педагог и психијатар, видеата ги обработуваат причините за појава на булинг, емоционалните и психолошките последици, како и начините на превенција и справување со оваа појава. Целта е да се подигне свеста и да се поттикне отворен дијалог меѓу децата, родителите, наставниците и стручните служби.

🎥 Видео 1
„Недостиг на љубов – причина за појава на булинг“
Говорник: доц. д-р Марина Кузмановска, психолог
Во првото видео се обработува улогата на емоционалната средина во која растат децата и како недостигот на љубов, внимание и разбирање може да придонесе за појава на булинг. Се објаснува што претставува булингот, кои се неговите видови и какви последици остава врз менталното здравје кај младите, со акцент на важноста од навремена поддршка и превенција.
Линк до видеото: https://www.youtube.com/watch?v=9dh24mNpWYk

🎥 Видео 2
„Стравот – најизразена емоција при појава на булинг“
Говорник: Наташа Бекирова, психолог и семеен терапевт
Ова видео е фокусирано на искуството на децата жртви на булинг, со посебен акцент на стравот како доминантна емоција. Се зборува за првичните симптоми кои укажуваат дека едно дете е жртва на булинг, за емоциите кои ги доживува и за важноста од создавање свест кај другите деца за заштита и поддршка на жртвите.
Линк до видеото: https://www.youtube.com/watch?v=nUaR1M94W3M&t=17s

🎥 Видео 3
„Разговорот – најдобриот метод за прекинување на булингот“
Говорник: Елизабета Талеска, педагог
Во третото видео се истакнува разговорот како клучен алат за превенција и справување со булингот. Се објаснуваат трите ситуации кои не претставуваат булинг, како да се препознае кога навистина станува збор за насилство, колкава е улогата на самодовербата, какво влијание имаат социјалните мрежи, и зошто е неопходна вклученост на семејството, училиштето и стручните служби.
Линк до видеото: https://www.youtube.com/watch?v=eLWVidEwKtw&t=42s

🎥 Видео 4
„Булингот – заборавен или маскиран?“
Говорник: проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска, специјалист психијатар
Во завршното видео се разгледуваат долгорочните последици од булингот, како кај жртвите така и кај оние кои вршеле булинг, и начинот на кој тие искуства се манифестираат во подоцнежните возрасни години. Се нагласува важноста децата да научат да ги изразуваат и балансираат емоциите, да се справуваат со конфликтите на здрав начин и како потиснатите емоции можат да влијаат врз менталното здравје во текот на животот.
Линк до видеото: https://www.youtube.com/watch?v=bdShmWAe8ok&t=37s
Со оваа серија видеа, Сумнал придонесува кон подигнување на јавната свест за булингот и менталното здравје, охрабрувајќи ја заедницата за заедничка акција во создавање безбедна, поддржувачка и инклузивна средина за децата и младите.
