УМЕТНОСТ И КРЕАТИВНОСТ – ТРЕНИНГ ВО БИТОЛА

Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ во партнерство со организации од Шпанија, Италија, Полска и Романија од мај 2022 година го реализира проектот „Уметност и креативност“. Проектот е финансиран преку Еразмус + програмата на Европската комисија, како дел од програмата за Мали партнерства во областа на млади.

Една од целите на проектот се однесува на тоа младинските работници да бидат способни да развијат нови и корисни алатки за да ги мотивираат младите со кои работат, како и останатите од заедницата, овозможувајќи доживување на интернационално искуство. Токму затоа како дел од активностите на проектот се одржуваат тренинзи за различни уметнички и креативни техники.

Од 15-18 октомври 2022 година, „Сумнал“ организаираше ваков тренинг во Битола, на кој присуствуваа по двајца учесници од секоја партнер организација. Учесниците имаа можност да следат работилници од областа на уметничките техники кои се применуваат за изработка на линолеум и витраж.

Работилницата за линолеум ја предводеше графичкиот уметник, Владо Ѓорески, запознавајќи ги учесниците прво со историјата на уметничката техника, а потоа и со начинот на резбарење на линолеумот користејќи алатки-длета со различна ширина и острина во зависност од тоа каков цртеж сакаме да добиеме. На крајот, го објасни процесот на печатење на цртежот од линолеумот на весникарска хартија со помош на печатарска боја добивајќи го крајниот производ.

За да им се долови историјата на уметноста на стакло и начинот на изведување на витраж, се одржа работилница со Зоран Николовски, истакнат битолски архитект и сценограф. Работилницата започна со посета на католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, каде учесниците имаа можност да ги видат имитациите на витраж на нејзините прозорци. Потоа, се одржа предавање кое ја опфати историјата на создавањето на техниката витраж, како и различните видови на витраж, како што е класичниот витраж, „тифани“ витражот, индустрискиот витраж како и имитацијата на витраж, попозната како лажен или филмски витраж. На крајот беше објасната и техниката на боење и поврзување на стаклото. За да можат учесниците да доловат дел од сложениот процес на изработка на витраж, се премина на практична изработка, односно имитација на витраж со помош на самолеплива хартија.

Исто така се организираа и културни активности. Заедно со учесниците го посетивме Крушево каде имаа прилика да проследат презентација на уметноста на резбарење, плетење и везење од локални уметници, потоа ја посетивме црквата „Св. Никола“ каде можеа да го видат изрезбаниот иконостас и олтар. По ручекот со „крушевско грне“ отидовме да јаваме коњи и да прошетаме околу Крушевско Езеро, за на крај да им претставиме дел од нашата историја поврзана со Крушево со посетата на „Гумење“ и споменикот „Македониум“.

Им ги прикажавме и убавините на Охрид и Охридското Езеро, каде се возевме со бротче, ручавме бурек и ајран и пиевме кафе покрај езеро. Исто така, ја посетивме и продавницата на Филеви каде учесниците се запознаа со техниката на изработка на охридскиот бисер, а и ја искористија приликата да купат по некој сувенир за себе и своите најблиски.

За време на интернационалната вечер во Битола си ги претставивме државите и организациите, играме оро и јадевме вкусна македонска традиционална храна придружена со вино и ракија, а пробавме и од донесените примероци на пијалоци и закуски од страна на партнерите од Шпанија, Италија, Полска и Романија.

Учесниците беа многу задоволни од активностите при кои научија нешто ново и имаа можност да ги равиваат својата имагинативност и креативност со цел да ги применат овие техники во нивната понатамошна работа.

Проектот е координиран од шпанската организација „Екокомпартимос“.

Линк до галеријаhttps://www.facebook.com/media/set/?vanity=100063565601430&set=a.635081698620678