Успешно реализиран настанот „Здрава заедница е силна заедница“ – Битола, 7 април 2025

Во пресрет на Интернационалниот ден на Ромите, на 7 април 2025 година, во просториите на Europe House – Битола, беше реализиран настанот „Здрава заедница е силна заедница“, во рамки на проектот „Театарска претстава за здрави одлуки – превенција на зависности“, финансиран од Националната агенција за европски програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската Унија.

Фокус на темата: ментално здравје и превенција од зависности

Настанот се одвиваше под мотото на подигнување на свеста за предизвиците со кои се соочуваат младите, особено во однос на:

  • менталното здравје,

  • булингот,

  • ризиците од зависности како што се пушење, алкохол, дрога и коцкање.

Настанот го отвори м-р Фатма Бајрам Аземовска, која во своето обраќање истакна дека „менталното здравје е темел на секоја силна заедница“ и ја потенцираше важноста од заедничка акција и поддршка за младите.

Содржина на настанот

🔹 Прикажување видеа со сведоштва и мислења од експерти за реалните предизвици со кои се соочуваат младите, особено во контекст на булинг и зависности.

🔹 Панел-дискусија на тема „Како да градиме здрава и поддржувачка средина за младите“, модерирана од Елена Ѓ. Костадиновиќ, со учество на:

  • доц. д-р Марина Кузмановска (психолог),

  • Наташа Бекирова (психолог и семеен терапевт),

  • Елизабета Талеска (педагог).

Панелистите споделија стручни увиди, практични совети и конкретни предлози за унапредување на поддршката за младите во образованието и заедницата.

🔹 Потпишување на изјава за поддршка, со која претставници на Општина Битола, училишта и други институции се обврзаа дека ќе ја поддржат иницијативата за промовирање на менталното здравје и превенцијата на ризично однесување кај младите.

🔹 Промоција на кампањата „Здрава заедница е силна заедница“ – едногодишна иницијатива што ќе вклучува театарска претстава, едукативни работилници, јавни дискусии и кампањи на социјални мрежи.

Заедничка визија

Настанот заврши со неформално вмрежување, инспирација и заеднички ентузијазам за понатамошна работа. Главната порака која произлезе од настанот беше јасна:
Само здрава, информирана и инклузивна заедница може да ги поддржи младите да го живеат својот потенцијал.

Проектот „Театарска претстава за здрави одлуки – превенција на зависности“ продолжува до јуни 2025 година, ангажирајќи 20 млади учесници, од кои половина се млади со помалку можности, со посебен фокус на младите Роми. Преку креативен процес, дијалог и солидарност, проектот има за цел да внесе трајна позитивна промена во заедницата.