Советодавна група на млади на пат – Дијалог за Меѓународниот ден на Ромите

Na 15 април 2026 година во Битола се одржа настанот „Советодавна група на млади на пат – Дијалог за Меѓународниот ден на Ромите“, организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со Општина Битола.

На неформалната средба присуствуваа претставници од ОБСЕ, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, како и млади од градот, меѓу кои и членови на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ – Битола. Дел од настанот беа и ученици од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола (I-5 клас).

Настанот беше организиран по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите (8 април) – датум кој претставува значајна можност за промоција на ромската култура, идентитет и придонес во општеството, но и за отворање дијалог за предизвиците со кои се соочува ромската заедница.

Во рамки на средбата беа споделени инспиративни приказни за млади Роми од Битола кои активно придонесуваат во различни области како што се спортот, образованието, културата и граѓанскиот активизам. Меѓу нив се издвојува Ален Рустемов, млад атлетичар кој освои бронзен медал на балканско натпреварување во бокс и беше прогласен за спортист на годината во Македонија и во Битола.

Посебно внимание беше посветено и на м-р Ферзије Асаноска – млада активистка, дипломиран економист и добитничка на наградата „Волонтер на годината“ во Општина Битола, како и признание за херој на годината на Балканот. Таа активно работи со ромската заедница преку едукативни и здравствени иницијативи, како и преку поддршка на младите, покажувајќи дека посветеноста и знаењето се клучни за создавање позитивни општествени промени.

Ваквите примери ја нагласуваат важноста од создавање услови и можности за младите, како и од нивно активно вклучување во процесите на донесување одлуки. Токму затоа, целта на настанот беше да се овозможи простор за дијалог, да се даде глас на младите и да се зголеми видливоста на нивните успеси, но и на предизвиците со кои се соочуваат.