УМЕТНОСТ И КРЕАТИВНОСТ – ТРЕНИНГ ВО ПОЛСКА

Како дел од активностите во склоп на проектот „Уметност и креативност“, финансиран од Националната агенција за млади на Шпанија преку Еразмус + програмата, беше тренингот за младински работници во Полска.

„Сумнал“ како партнер во проектот имаше за задача да испрати двајца учесници. По објавениот повик, изборот падна на Горјана Стојановска и Николче Српчански како луѓе кои мотивираат млади со својата работа. Имено, Горјана е професор по пијано во Музичкото училиште во Битола, а Николче е дипломиран уметник со широко познавање на уметничките техники.

Тие од 04-07 јуни 2022 во Тарнобжег, Полска имаа прилика да се стекнат со нови знаења и вештини од областа на музиката и танцот кои потоа ќе ги применат преку неколку работилници со млади од локалното ромско и неромско население.

Нивните импресии се следните:

„Музиката и танцот како креативни алатки во развојот на младината беше темата на активностите во Полска. Побитни од било кога, беше многу корисно и интересно да се научат и  споделат техники и искуства во работата со младите. Во група на луѓе со различни профили разработувавме теми, користевме изразни средства кои на јасен начин би ги навеле младите на размислување за себе во светот и меѓу сопствените предизвици. Музиката и танцот како начин на ослободување и простор за идентификација, здружени со текстовите и асоцијативните слики на едноставен начин, приемчив за секоја возраст, би успеале во тоа да ги убедат младите луѓе во моќта на нивните сопствени одлуки, идеи и креативен потенцијал.

Во тоа можевме да се увериме и со времето кое го поминавме во средното училиште „Миколај Коперник“ во Тарнобжег каде што со учениците првен работевме во групи на кратка приказна која ја читавме и за која тие со наша помош извлекуваа заклучоци. Потоа следуваше музика и танци кои им ги презентиравме и заедно ги изведувавме, со што учениците се чувствуваа слободни и самите со нас ги споделуваа танците кои ги знаат.

Некои од другите активностите во кои учествувавме беа:

  • набљудувавме коњи во коњушница донесувајќи заклучоци за нивното поведение, карактеристики и подреденост – метод на едукација со помош на коњи;
  • во пилатес студиото Body, Mind & Soul во Тарнобжег научивме техника на танцот бразилијански „зук“ и можностите за импровизација и креативно изразување во танцот;
  • во музичкото студиото на ESTEKA ја снимиве и „Ода на радоста“ на различни јазици (романски, шпански, македонски, италијански и полски) што ги доведе нашите различни јазици поблиску до нас;
  • меѓу последните активности беше така наречената Sound bath – метода за релаксација со помош на звуци со различни фреквенции и вибрации, како и имитација на природни елементи.

Тренингот беше исклучително богат со различни активности кои придонесуваа и кон нашите нови искуства, како и кон зацврстувањата на долготрајни пријателства со луѓето кои беа вклучени во него. ЕSTEKA како организација навистина постави високи критериуми за понатамошното одвивање на циклусот активности.“

„Сумнал“ заедно со Горјана и Николче ќе продолжи да ги изведува активностите предвидени во проектот. За таа цел во текот на септември 2022 година, ќе ги организираме планираните работилници со младите од Битола, а потоа одиме кон освојување на нови знаења и вештини на тренингот во Италија во октомври 2022 година.